Не била задушена – Вања е убиена со истрел од огнострелно оружје, покажува извештајот на Судска медицина
Истрел од огнострелно оружје е начинот на кој е убиена Вања Ѓорчевска, покажува извештајот од обдукцијата на Судска медицина, дознава „Скопје1“. Наодот кој се работеше 17 дена, ги демантира гласините по медиумите, но и коментарите од професорката по криминалистика дека девојчето било задушено во вреќата при грабнувањето. Ова би значело дека Вања била жива од местото каде е грабната до местото каде е пукано во неа. Непроменет останува утврдениот факт во истрагата, дека осомничениот Љупчо Палевски-Палчо пукал во Вања.
По пукањето, Вања била закопана во атарот на селото Глуво, на место кое е мини-депонија. Според неофицијалните информации до кои дојде „Скопје1“ од Судска медицина, истрелот кон Вања бил во пределот на главата. Одговорот со какво оружје е пукано, ќе треба да го даде вештачењето на куршумот.
Извештајот од Судска медицина, обвинителката која го истражува случајот го доби во петокот. Во него, се дадени одговори на низа отворени прашања поврзани со киднапирањето и убиството на Вања. Според официјалните податоци кои ги соопштија институциите врз основа на сознанијата и исказите од осомничените кои признаа вина, од киднапирањето до убивањето на девојчето, поминале два саати и 40 минути.
Согласно доказите, меѓу кои е и обдукцијата на Вања Ѓорчевска, ќе се утврди натамошниот тек на истрагата. Ќе се издаваат дополнителни наредби за обезбедување на материјали, вештачења, испитувања на лица кои можеби имаат некакви сознанија. Меѓудругото, наодот може да биде и клучен за квалификацијата на кривичните дела за кои ќе се гонат сега осомничените.
„Скопје1“ објави дека листинзи од телефонски оператори, телефонски и компјутерски уреди, отисоци – се само дел од работите кои дваесет дена се анализираат од истражните органи, во рамки на истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
За овој случај, од почетокот на истрагата на Обвинителството до сега, нема нови осомничени освен шестмината, од кои пет лица се во притвор повеќе од половина месец.
Во овој случај, Љупчо Палевски-Палчо е осомничен дека бил планерот, организаторот и реализаторот на двете убиства. Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања се сомничи дека му дал информации на Палчо поврзани со времето кога неговата ќерка ја напушта зградата и оди на училиште. Последниот осомничен е Стефан Димковски, кој беше уапсен за помагање на бегството на Палчо бидејќи отишол до Белград да го земе Палевски и да го однесе во Турција.
Палевски-Палчо е во екстрадиционен притвор во Турција, додека останатите осомничени се во притвор.