Началник од Израел: Земјата мора да биде подготвена за офанзива против Либан
Армијата на Израел е сè поподготвена решително да ја прошири својата борба против шиитската милиција Хезболах во Либан.
„Денеска одобривме различни планови за иднината и мора да бидеме подготвени за офанзива доколку е потребно“, рече началникот на Генералштабот Херзи Халеви за време на посетата на воениот штаб во северниот израелски град Сафед. Израелските одбранбени сили „и во нив Северната команда се на многу високо ниво на подготвеност“, додаде тој.
Израелската армија е ангажирана во постојани борби со единиците на Хезболах во јужен Либан, откако исламистичкиот Хамас со седиште во Газа ја нападна граничната област во јужен Израел на 7 октомври.
Хезболах вчера истрела ракети врз израелскиот пограничен град Кирјат Шмона, а израелската полиција соопшти дека се оштетени неколку згради. Никој не беше повреден.
На почетокот на војната во Газа, властите од безбедносни причини преместија десетици илјади жители од северниот регион во внатрешноста на земјата.
Три лица, меѓу кои и еден борец на Хезболах, беа убиени вчера во израелски напади врз позиции на Хезболах во јужен Либан, јави либанската новинска агенција ННА.
Овие битки од почетокот на октомври претставуваат најсериозен воен конфликт од втората либанска војна во 2006 година.
Но, набљудувачите велат дека двете страни сè уште следат одредени неизговорени правила, бидејќи досега избегнуваа понатамошна ескалација.
Хезболах, кој е поддржан од Иран, ја контролира владата во Либан и има арсенал на ракети кои претставуваат закана за Израел.
Израел, од друга страна, е воено способна да му нанесе неизмерна штета на Либан.