Скопје

(Видео) Среде полноќ во Ѓорче Петров: одекна како бомба, со петарди уништуваат туѓ имот

Додека полицијата лови продавачи на пиротехнички средства, тие се користат и за уништување туѓи имоти низ Скопје. За тоа сведочи снимка од куќа во населбата „Даме Груев“ (Геге), направена вчеравечер. Од неа се гледа како автомобил, за кој се претпоставува дека е „голф“ или „фолксваген фокс“, вози по улицата, подзастанува, се враќа назад. Внатре има три лица, од кои возачот и лицето кое ја прави штетата.

Снимката покажува како лицето излегувајќи од автомобилот, се приближува до поштенското сандаче, поставува пиротехничко средство (најверојатно петарда), влегува во автомобилот и продолжува подолу по улицата, по што петардата одекнува гласно, а сандачето се распрскува.

Ова се случило ноќеска, на скоро два часа по полноќ. Делчиња од поштенското сандаче се распрскале на неколку метри од капијата каде било поставено, што остава можност да имало штета или повредени доколку поминел или бил паркиран автомобил, но и пешаци. По сторителите се трага.

Прекршочно казниво е пукањето на пиротехнички средства, кривично е казниво оштетувањето на туѓи предмети.

„Кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност“, стои членот 31 од Законот за прекршоци.

Оштетувањето на туѓ имот, исто така носи одговорност за сторителот. Таму е предвидена и казна затвор до три години.

„Тој што ќе оштети, уништи или стори неупотреблив туѓ предмет, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“, стои во Кривичниот законик.

Во изминатиот период, МВР имаше низа апсења поради користење и продажба на пиротехнички средства. Полицијата апелираше да не се користат, бидејќи казните се високи, а можната штета по здравјето би можела да биде непоправлива.

На почеток