Македонија

Судски совет е навреден оти Беса Адеми ги игнорирала, сакаат да ја разрешат оти не им одела на седници

Отсуство од седници на Судскиот совет е причината со која членовите на највисокото судско тело сака да ја разреши Беса Адеми од функцијата претседател на Врховен суд. Според нив, Адеми не ги извршувала своите обврски, не доаѓала, а немала доставено доказ дека оправдано отсуствувала.

„Од 22.05.2023 година до 30.10.2023 година, Беса Адеми како претседателка на Врховен суд, член на Судски совет по функција, постапила спротивно на член 43, став 2, во врска со став 1 алинеја 1 од Законот за судски совет, на начин што иако е должна да учествува на седниците и во работата на Советот, истата отсуствувала од седниците на Судскиот совет во континуитет во наведениот период. И тоа, на 442. седница одржана на ден 22.05.2023 година до 462. седница одржана на 30.10.2023 година или вкупно на 21 седница на Судскиот совет“, посочи Мијазим Мустафа, член на Судски совет.

Според Комисијата која и ја крои иднината, со отсуството, Адеми попречила во работата на Судскиот совет.

„Таа ги повреди законските овластувања како претседател на Врховен суд на РСМ, во смисла на член 79 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите“, кажа Мијазим Мустафа, член на Судски совет.

За зло и е земено и зошто не дошла на седница на Судскиот совет, кога се пожалила на притисоци.

„Таа не дојде на работната средба, а своето отсуство го најави со писмен допис доставен до Судски совет, пред терминот на закажаната средба, и јавно е објавен на веб-страната на Врховниот суд. Со ваквото однесување и постапување, претседателот на Врховен, не само што го попречи Судскиот совет во остварување на основната цел, а тоа е да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт преку остварување на своите функции согласно Уставот, туку и покажа професионална и правна некултура во постапувањето“, додаде Мустафа.

Адеми не е член на Судскиот совет со избор, туку по функција.

На почеток