Македонија

Беса Адеми побара да и ја запрат постапката, а случајот може да заврши и пред Европскиот суд

Повреда на слободата на изразување е потегот на Судскиот совет за разрешување на Беса Адеми, по даденото интервју за „СДК“, а во кое наведува дека има притисоци по предметот за аболициите дадени од експретседателот Ѓорѓе Иванов. Нејзината адвокатка Павлина Зефиќ-Јакимовска, посочи дека ваков случај имало во Европскиот суд за човекови права, каде е утврдена повреда на слободата на изразување.

„Ставот на судот е дека самото поведување на дисциплинска постапка, без разлика на мерка, тоа зависи од сите членови на Судскиот совет, дури и самата закана дека на некого ќе му е поведе ваква постапка, може да претставува повреда на слободата на изразување. Европскиот суд за човекови права, особено им дава заштита на носителите на високи функции во правосудниот систем, како што е претседател на Врховен суд“, кажа адвокатката Зефиќ-Јакимовска.

Таа го наведе предметот Бака против Унгарија, кој според нејзе, е целосно апликативен, како што е случајот на претседателката на Врховниот суд.

„Европскиот суд го вели следното: стравот од казна има ефект на замолчување и ризик од обесхрабрување на судиите да даваат критички забелешки, односно дека, ваков ваков вид на постапки можат да ги обесхрабрат другите судии и претседатели на судови да земат јавно учество во расправи за прашања од судството“, додаде Зефиќ-Јакимовска.

Наведе дека очекува запирање на постапката, а не разрешување.

„Јас мислам дека оваа постапка треба да се заврши со одлука за запирање, бидејќи само на овој начин ќе се зачува авторитетот и угледот на претседателката на Врховен суд, а истото ќе биде позитивно гледано и за угледот и авторитетот на Судскиот совет како тело. Тука станува збор за разрешување на претседател на суд, која постапка е уредена со Закон за судови и каде за да биде разрешен, треба кумулативно да бидат исполнети два услови – да има злоупотреба на службените овластувања и пречеркувања на службените овластувања. Со дејствијата кои и се ставаат на товар на претседателката на Врховниот суд, нема ниту злоупотреба, ниту пречекорување на службените овластувања. Верувам во Судскиот совет и во интегритетот и угледот на членовите, како и дека при одлучувањето ќе ги имате во предвид сите аргументи кои ги дадовме“, додаде Зефиќ-Јакимовска.

Таа кажа дека со одлуката очекува да се упати порака кон судиите, дека Судскиот совет ги штити, а не обратно.

На почеток