Македонија

И продале расипан лаптоп, не сакале да и вратат пари – патешествието на студентка од Скопје и ажурното постапување на Пазарна

Студентка купила лаптоп од познат трговец, но наместо исправен уред, добила проблеми и патешествие. Случајот бил пријавен и од Паазарен инспекторат, чии инспектори го следеле случајот од наложувањето да се вратат парите, па се до конечната трансакција која се случила кон крајот на декември. Случајот е јавно објавен вчера од студентката, која се пожали дека парите не и се префрлени на сметката. Сепак, според увидот кој го имаше „Скопје1“ во предметот, налог за повраток на парите и негова реализација имало уште во декември од страна на фирмата која го продала лаптопот. Во делот на реализацијата од банката кон студентката, Пазарна нема надлежност. Студентката Стефани Акимовска сведочи за тоа што поминала од купувањето на уредот, до неговото враќање.

„Јас сум студент на ФИНКИ прва година. На 07.10.2023 моите родители ми купија нов лаптоп ‘Асус’ од 42.000 денари за учење без оперативен систем од ГТЦ Сетек, se od tehnika . По инсталирање на оперативен систем (Windows) веднаш почна да појавува дефекти, плав екран и замрзнат екран. Побаравме да ни биде заменет за нов затоа што лаптопот воопшто не беше употребуван. Од сервисот ни рекоа дека мора да биде сервисиран, но ние не прифативме затоа што лаптопот воопшто не е употребуван и е купен неисправен. Поради тоа побаравме поврат на паричните средства, но ни рекоа дека и парите нема да ни бидат вратени. На 03.11.2023 пријавивме во државен пазарен инспекторат каде што ни рекоа дека во тој случај парите треба да ни бидат вратени. По увид на инспекторот во ГТЦ СЕТЕК ни беше побаран лаптопот да го вратиме со кој што ни беше даден формулар за прием на сервис и на него беше наведено дека лаптопот има оштетувања, гребнатини и траги од абење. Побаравме од продавачот да ни покаже каде е оштетен лаптопот, но никаде не беше оштетен. Од тогаш поминаа 2 месеци и сеуште немаме никаква информација, ниту ни се вратени парите. Освен во Пазарна инспекција, се јавивме и во корупција, со што од таму не посочија да се јавиме во инспекциски совет за да го пријавиме инспекторот што го води случајот. Поднесовме претставка против инспекторот, но и од таму сеуште нема одговор“, напишала студентката.

„Скопје1“ доби увид во целиот предмет, каде се гледа постапувањето на инспекторот. По пријавата, веднаш било побарано да се вратат средствата, имал редовна комуникација со двете странки (родителот на студентката и фирмата). Заложбите биле дотаму да таткото на студентката бил контактиран за да инспекторот се увери дека парите се вратени. Директорот Горан Трајковски за „Скопје1“ посочува дека и лично се заинтересирал за случајот. Тие по службена комуникација добиле докази дека парите за лаптопот биле уредно вратени уште минатиот месец.

„Ве известуваме дека во врска со поднесената претставка за тоа дека на странката не и бил заменет производот, во случајов лап топ од трговецот СЕТЕК, од страна на пазарниот инспекторат се преземени сите законски дејства во рамки на нашите надлежности. Од наша страна е постапено во согласност со Законот за заштита на потрошувачите, каде трговецот има обврска да го врати паричниот надоместок за одреден производ, кога тоа потрошувачот ќе го побара, само во случаи кога производите за кои се бара враќање на паричниот надоместок се неоштетени и со приложување на фискалната сметка која се однесува на производот. Во случај кога трговецот не сака да го врати паричниот надоместок, а Пазарниот инспекторат ќе констатира, дека трговецот треба да го врати надоместокот, тогаш пазарниот инспекторат изрекува соодветна санкција (прекршок) во денарска противвредност. Пазарниот инспекторат во овој случај имаше обврска да постапи само до моментот кога трговецот се согласи да го врати паричниот надоместок на странката за што странката е контактирана во месец декември 2023 година и известена дека целосниот паричен износ ќе и биде вратен. На 19 декември 2023 година, од страна на трговецот СЕТЕК е испратено барање до банката за враќање на паричните средства. Оттука, за застојот на паричните средства во банката, пазарниот инспекторат нема надлежност. Исто така, странките беа примени во пазарниот инспекторат најсрдечно, и им беше укажано кои се нивните права и на што треба да внимаваат во иднина“, вели Трајковски за „Скопје1“.

Тој додава дека во пазарниот инспекторат на секоја странка и се посветува внимание и се постапува по секоја пријава односно претставка.

„Како институција, постапуваме апсолутно без селекција, и работиме исклучиво во име на граѓаните! Замолуваме, во иднина, податоците да бидат пренесувани точно и во целост, за да нема недоразбирања!“, додава Трајковски.

Денеска, студентката го ажурираше статусот и напиша дека парите и биле вратени.

На почеток