Македонија

Остануваат зад решетки осомничените за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче – за продолжениот притвор можат да се жалат

Остануваат зад решетки осомничените за организација и реализација на убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, но и осомничените за помагање при грабнувањето и бегството на првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо. Кривичниот суд одлучи дека тројцата осомничени за организација и реализација, кои признаа вина – Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев можат да избегаат, влијаат на сведоци или го повторат делото.

Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, осомничен за помагање при грабнувањето на девојчето, исто така останува во притвор во затворот „Скопје“ во Шукта. Истата судбина ја дели и возачот на Палевски од Белград до Турција, Стефан Димковски.

„Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје“, велат од Кривичен суд.

Во овој случај, Љупчо Палевски-Палчо е осомничен дека бил планерот, организаторот и реализаторот на двете убиства. Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања се сомничи дека му дал информации на Палчо поврзани со времето кога неговата ќерка ја напушта зградата и оди на училиште. Последниот осомничен е Стефан Димковски, кој беше уапсен за помагање на бегството на Палчо, бидејќи отишол до Белград да го земе Палевски и да го однесе во Турција.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

На почеток