Додека го напаѓаат за непотизам, Меџити се пофали за позитивни промени во здравството
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека кабинетот на министерот за здравство Фатмир Меџити станало „дувло на непотизам“ и декабез соодветни критериуми се вработува кадар и на скопските клиники, иако станува збор за врвни здравствени установи од терциерно ниво кои треба да се синоним за квалитет во здравствениот систем. На ова возврати министерот Фатмир Меџити кој посочува дека во здравството има само позитивни промени.
„ВМРО-ДПМНЕ очигледно е длабоко погодено од позитивните промени кои се случуваат во здравството откако министерот Фатмир Меџити раководи со институцијата. Длабоко ги боли фактот што министерот обезбеди вработувања за 1117 здравствени работници и сега се обидуваат да измислат лажен непотизам како би прикажале дека на тој начин ќе се вршат вработувањата. ВМРО-ДПМНЕ треба да знаат дека нивното време на партизација на здравството е завршено и дека не се сите исти како нив. ВМРО-ДПМНЕ немаат никакви аргументи, ниту реални критики на работењето, па затоа мора да се служат со лаги и манипулации за да го нарушат имиџот на министерот.
Министерството за здравство во целост ги отфрла овие манипулации на опозициската партија. Целосна лага е тврдењето дека министерот вработувал лица од сопственото семејство. Лицата кои бесрамно ги злоупотребува ВМРО-ДПМНЕ се со години вработени во јавниот сектор, а министерот нема никаква врска со нивното вработување. Понатаму, советникот за кој ВМРО-ДПМНЕ се срами да го спомне името е интервентниот кардиолог Хајбер Таравари, еден од најголемите професионалци во ова поле. Тој е ангажиран заради својата експертиза и знаење, а не по партиски клуч како што тоа со години го правеше ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да се обидува да прикаже дека сите се исти како нив. Разликата во водењето на министерството може да го видат граѓаните за неполна година откако со него раководи министерот Фатмир Меџити. За кратко време, реализирани се крупни инвестиции, се вработуваат здравствени работници, се обезбедуваат нови лекови. Во време на ВМРО-ДПМНЕ, здравството беше само поле за корупција и криминал“, велат од МЗ.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ соопшти:
„Директно во кабинетот на министерот за здравство работи ни помалку ни повеќе, туку сестрата на неговата сопруга. Покрај сестрата на неговата сопруга, во кабинетот работи и нејзиниот брат.По примерот на останатите семејни лози кои се вработуваат, како ќерката на екс пратеничката Мира Дизел, синот на директорот на Клиниката за урологија и ќерката на директорот на Клиниката за очни болести, во кабинетот на Меџити е ангажиран како советник на министерот и близок роднина на Арбен Таравари, претседател на партијата од која доаѓа Меџити“, rekoa од партијата.