Македонија

„И на сон можете да ги погодите кандидатите кои завршиле Академија за судии и обвинители“ – Ковачевски со остра критика на сметката на Габер-Дамјановска

Критики на сметка на Академијата за судии и јавни обвинители има и од премиерот Димитар Ковачевски. Тој посочува дека има свое мислење за неа, па потоа ги искоментира кандидатите. Ковачевски посочува дека презимињата на лицата кои поминуваат, може да се погодат и во сон. Со Академијата веќе втор мандат раководи директорката Нашата Габер-Дамјановска.

„Имам свое мислење за таа Академија. Кога ќе ги погледнете кандидатите кои обично поминуваат, презимињата можете да ги погодите и на сон во три сабајле. Така што прашања треба да се постават на сите адреси, не само на една адреса“, кажа Ковачевски.

Прашан зошто Владата донела одлука која е спротивна на закон, за приемен испит да се полага писмено наместо електронски, Ковачевски кажа дека истата доколку е погрешна, ќе се промени.

„Тоа е прашање кое најдобро ќе ви го одговори министерот за правда. Станува збор за правна регулатива. Доколку некоја одлука е во колизија на некој закон, тогаш сметам дека таа треба да се промени. Јас не сум имал контакт со Академијата за судии и обвинители“, додава Ковачевски.

Минатата година, речиси 18 проценти од положените кандидати, кои сега веќе се судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители. Ова го покажуваше јавно објавената ранг-листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Од 58 кандидати, само еден го нема положено завршниот испит. Во листата има и многу звучни имиња.

Па така, од политичкиот свет Академија завршија Барлет Џафери, син на Талат Џафери – претседател на Собранието. И Билјана Иванова, снаа на Цветанка Иванова, која е собраниска генерална секретарка, котираше високо на ранг-листата. Во оваа листа го имаше и името на Симона Муцунски-Бубевска, сопруга на Тимчо Муцунски – градоначалник на Аеродром.

Најмногубројни успешни слушатели на Академијата, кои ќе делат правда, се ќерките, синовите и сопругите на сегашни и поранешни обвинители. Највпечатливо е името на Албулена Абази, сопруга на Ислам Абази – новоизбраниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција, кој се повлече од Управниот одбор на Академијата за да не фрла дамка врз кариерата на сопругата. И Билјана Смаќоска, ќерка на Гордана Смаќоска – пензионирана обвинителка која гонеше организиран криминал, успешно го помина испитот. Малку послаб во знаење бил Драган Јосифовски, син на Елизабета Јосифовска – ексобвинителка во СЈО, сега во Обвинителството за гонење организиран криминал.

И судиите имаат свои наследници во правосудниот систем. Па така, Кирил Георгиев, син на судијата Наќе Георгиев – судија во Врховен суд, исто така успешно завршил на Академијата. По него, се впишува и Зоран Здравев, син на Киро Здравев – експретседател на Судскиот совет, кој ќе треба да гони или суди кривични дела. Последен во низата е Илир Јакупи, зет за ќерка на Иџет Мемети – екснароден правобранител и член на Советот на јавни обвинители.

На почеток