Нов дожд и снег во понеделник, до тогаш студ – какво ќе е времето до идната недела


До самиот крај на оваа недела во Македонија ќе имаме сув студ, најавува во метео-прогнозата, Славчо Поповски. Според него, времето ќе биде сончево, повремено со мала до умерена локална облачност. Во петок и во сабота ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен и од северозападен правец.
„Наутро ќе биде многу студено, па така температурите на повеќе места ќе се спуштаат близу -10 степени, а особено за време на викендот тие понекаде ќе се спуштат и под -10 степени. Студено ќе биде и преку ден, што значи дека максималните дневни температури на многу места низ Македонија ќе се искачуваат само за неколку степени над нулата“, вели Поповски.
Во Скопје и околината исто така очекуваме стабилно, суво и студено време.
„Во петок и во сабота повремено ќе дува засилен ветер од северен правец. Наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот помеѓу -6 и -4 степени, а максималните температури ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 2 и 3 степени“, додава Поповски.
Нов бран на врнежи од дожд и од снег со пообилен карактер ќе имаме во понеделник и во вторник. Тогаш очекуваме формирање на нова снежна поривка, а снег повторно ќе има понекаде и во пониските места (градовите).
