Македонија

Сестрата на Османи, снаа на Груби и внук на Николовски се вработени во „М-НАВ“

Во М-НАВ се вработени сестра на министерот за надворешни работи Бујар Османи, снаа на вицепремиерот Артан Груби и внук на министерот за земјоделие Љупчо Николовски, како и роднини на поранешни министри и пратеници, објави „Код“ на ТВ Телма.

Истражувањето на „Код“ доаѓа откако премиерот Димитар Ковачевски кажа дека М-НАВ е станата како семејна фирма и дека таму се вработувале до трето колено.

„Таму од поодамна е вработена сестрата на министерот за надворешни Бујар Османи, снаата на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ Ејуп Аљими, внукот на советникот во М-НАВ Беким Незири, како и внукот на министерот за земјоделиe Љупчо Николовски. Извори во М-НАВ велат дека е вработен и внук на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши. Роднините на Николовски и Незири работата како помошници контролори , а во оператива работи и сестрата на Османи, останатите се во администрација“, објави „Код“.

Османи на „Код“ им одговорил дека сестра му работи таму 15 години, а Николовски дека „станува збор за високостручен професионален кадар школуван во Јапонија, Кина, дипломиран на проблематиката каква што се бара на високорангиран универзитет во Словенија, со сите професионални капацитети за какви Република Северна Македонија треба да се бори да ги задржи“.

На почеток