Македонија

(Видео) Убиеното дете од Кичево го освестувале со вода, откако таткото ѝ го скршил черепот – обвинителот не го знае мотивот

Мајката знаела дека таткото го тепал двегодишното дете кое почина на скопските клиники по 22 дена борба за живот, Обвинителството нема нови осомничени за убиството. Семејството на убиеното дете за „Порталикс“ ја раскажа семејната голгота. Обвинителот од Кичево кој ја води истрагата уште не го знае мотивот. Нема одговор ниту на прашањето дали таткото признал вина пред обвинител.

„Во наведениот случај донесе Наредба за спрoведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Убиство предвидено во член 123 став 2 точка 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Истрагата е во тек, а до овој момент нема докази за инволвираност на други лица“, велат од Обвинителството за „Скопје1“.

Мајката на двегодишното дете, сведочи дека детето и било донесено заедно со вода за освестување, а потоа ја однела во болница.

„Ми ја донесе, ми рече само малце ја удрив, не ми кажа што и како. Ми наполна вода да ја освестам оти овие сами беа дома (другите деца). Ја освестував, не можев, ја однесов во болница. Ме има и мене удрено, еднаш се изнервирав, го пријавив, три месеци и си дојдов ради децата“, вели мајката на двегодишното дете за „Порталикс“.

Семејството има седум деца, а живее на мала раздалеченост од мајката на убиецот, која исто збореше пред камера.

„Ќе го средев, ќе го одлежев. Сопствен син јас ќе го одлежев. Ама за овие децата толку ми е тешко. Ве молам, не можам ни да зборам више. Не можам. Ова е лоша работа за една изгорена мајка“, вели мајката на лицето кое си го уби сопственото дете.

Таткото на убиеното дете има 29-години.

„Осомничениот 29-годишник, на 18 декември, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот сопствената ќерка родена 2022 година. Тој и нанел повеќе удари со раце и нозе, предизвикувајќи и тешки телесни повреди – скршена коска на черепот, крварење во мозокот и скршеници на две ребра. Од здобиените повреди детето починало на 8 јануари, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје“, соопштија претходно од Обвинителството.

Докторите, 22 дена се бореле да го спасат животот на сега починатото дете.

На почеток