Македонија

(Видео) „Десна“ на Палчо собира податоци за пререгистрација, неговиот наследник обвинува дека Спасовски и Ковачевски прават хајка против партијата

Политичката партија „Десна“ чиј претседател беше Љупчо Палевски-Палчо собира потписи за пререгистрација. Откако промени раководна структура, тие пред четири дена формираа и нов профил на „Фејсбук“, објавија соопштение и тргнаа во поход. Истовремено, Обвинителството не достави до судот барање за нејзина дерегистрација, бидејќи според законите, тоа во овој момент е невозможно. Тони Алексовски, наследниот на Палчо кој е родум од Куманово се обрати преку видео.

„Тоа што министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и инсталацијата премиер Димитар Ковачевски, преку јавни настапи, ја жигосаа партијата Десна и нејзиното членство, како ‘криминална и монструозна група на малоумници, која што мора да биде дерегистрирана’, сериозно укажува дека се работи за планирана и организирана хајка против ПП Десна. ПП Десна цврсто и решително продолжува по промакедонскиот курс, преку спроведување на редовните партиски активности, во прв ред борбата за зачувување на името и статусот на МПЦ – ОА, иницијативата за Референдум за раскинување на штетниот антимакедонски Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и подготовка за претседателските и парламентарните избори“, кажа Алексовски, наследниот на Палчо.

Пред три дена, започната е и пререгистрација на партијата. Споделен е образец за ажурирање на членство, во кој, меѓудругото се бара внесување и на матичен број, профил од „Фејсбук“/„Инстаграм“, познавање на јазици, мотив за членство.

„Браќа и сестри Македонци, почитувани членови на Политичка партија ДЕСНА Ве повикуваме на ре-евиденција и ажурирање на Вашето членување во Партијата. За сите нејасноснотии и потешкотии при пополнување на овој електронски образец, Ве молиме да не контактирате, тука, во порака, или на електронската адреса…“, стои во објавата.

Вчера пак, се пожалија дека има проблеми со електронското зачленување, па продолжија по писмен пат.

„Во текот на изминатите 48 часа, добивме информации и сознанија, од страна на одредени лица, дека имаат проблем со пополнување на обрасците, преку електронска пошта.За таа цел, сите овие лица, нека н’е контактираат преку порака, со цел на доставување на обрасци во хартиена форма, како и за начинот на дистрибуција до Политичка партија Десна“, стои во новата објава.

Јавноста бараше дерегистраија на „Десна“ откако Палевски беше осомничен за организација и реализација на убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, членовите Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Стефан Димковски, исто така член, беше уапсен за помагање на бегството на Палчо, бидејќи отишол до Белград да го земе Палевски и да го однесе во Турција. Осомничен е Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, поради како што соопштија институциите, издавање на информации за времето кога неговата ќерка го напушта домот.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

На почеток