Македонија

Нема конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, ниту затвор за Груевски – падна „Талир 2“ пред Апелација

Случајот „Талир 2“ каде беа осудени експремиер во бегство Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на партијата Кирил Божиновски за изградбата на седиштето на политичката партија ВРМО-ДПМНЕ во Скопје се враќа на повторно судење. Со ова се укинуваат и казните, односно Груевски не треба да издржува шест години затвор, а Божиновски нема условна осуда.

„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста, медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, информира дека одлучувајќи по предметот КЖ-232/23 познат во јавноста како Талир 2, по одржаната јавна седница на 23.11.2023 година, а на нејавен дел од седницата на 26.01.2024 година, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Н.Г, К.Б, на ОЈО Скопје и на правното лице ВМРО ДПМНЕ, сите изјавени против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1413/19 од 07.06.2022 година, а одлучувајќи по жалбите и по службена должност поради измените на Кривичниот законик во делот на кривичното дело од член 353 од КЗ, ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд“, велат од Апелација.

Груевски доби и нов притвор, кој треба да го издржува откако ако биде достапен за органите на прогнот.

„Воедно, со посебно решение, судот спрема обвинетиот Н.Г. – недостапен на органите на прогонот, определи мерка притвор во траење од 30-триесет дена сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на причините предвидени во член 165 став 1 точка 1 од ЗКП – опасност од бегство“, додаваат од Апелација.

Според пресудата за „Талир 2“ на Кривичен суд, Груевски и Божиновски ја искористиле службената положба и овластување и спротивно на законите за политичките партии и за финансирање, овозможиле склучување договор за градење помеѓу партијата и правното лице „АД Бетон“ и противправно прибавиле објект и имотна корист од преку 132 милиони денари. Според првостепената пресуда Груевски доби шест години затвор, Божиновски условна, а судот донесе и одлука за конфискација на партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ.

На почеток