Македонија

Осомничени за убиството на Вања се жалеле на здравјето во Шутка, биле носени и на прегледи во клиники

Дел од осомничените за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се жалат на здравствени проблеми и се носат на контроли во болница, открива директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Филип Андов за „Скопје1“. Тој посочува дека состојбата им ја следи домскиот лекар. „Скопје1“ дознава дека на Клиника е носен и осомничен за кој МВР и Обвинителстовто кажаа дека признал вина во случајот и раскажал како се одвивале киднапирањата и убиствата.

„Изолирани се во посебни ќелии, здравствената состојба ја следи домскиот лекар и по негово укажување се препраќаат и носат на посебни прегледи на соодветни клиники, за сите претворени лица во овој случај безбедноста е на високо ниво и се со посебен режим, достава на храна, прошетка на чист воздух“, посочува Андов за „Скопје1“.

Истрагата за двете убиства и натаму е во тек. Обвинителстовото ги доби двата обдукциски наоди за убиствата, но не сподели ништо со јавноста. Се молчи и за фактот дали е најдено оружјето со кое се убиени Вања и Панче, а истовремено, обвинителката Жаклина Крстевска Јосифоска презема и други истражни дејствија.

Во овој случај, Љупчо Палевски-Палчо е осомничен дека бил планерот, организаторот и реализаторот на двете убиства. Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања се сомничи дека му дал информации на Палчо поврзани со времето кога неговата ќерка ја напушта зградата и оди на училиште. Последниот осомничен е Стефан Димковски, кој беше уапсен за помагање на бегството на Палчо бидејќи отишол до Белград да го земе Палевски и да го однесе во Турција. Палевски-Палчо е во екстрадиционен притвор во Турција, додека останатите осомничени се во притвор.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

(Видео) Како изгледа ќелијата во Шутка каде ќе биде сместен Груевски ако го екстрадираат – Андов отвори ново приемно одделение

На почеток