Македонија

Нови кавги и тензии во Судски: „Личните нетрпеливости оставете си ги пред врата“

Нови кавги избија во Судскиот совет. Претседателката Весна Дамева и членот Лорета Горгиева се скараа оти Дамева укажа дека треба да се постапува ажурно, а претставките од граѓаните да не чекаат по два месеци за одговор. Горгиева реагираше бурно оти претседателката и пререче, а се надоврза и членот Селим Адеми кој се обиде да ја оправда Горгиева. Прва започна Дамева која праша дали претставката која Горгиева ја презентира е нова и од кога се постапува. Потоа следуваше првата реакција.

„Јас да замолам сите членови, да внимаваме за ажурноста. Оваа претставка од 19.10, имаше и други претставки, се повеќе од 2-3 месеци. Ве молам поради јавноста колеги, молба е, бидете ажурни. По 2,5 месеци, без извиди да кажуваме на странката, ќе биде на наша штета“, рече Дамева.

На ова возврати Горгиева.

„Бидејќи продолжувате со исти стил на работа, да ве известам дека претставката е нова. Оваа претставка беше повлечена бидејќи стручниот соработник беше на боледување и не е на работа до ден денеска, претставките беа кај него и немаше услови за реферирање. Ве молиме да си држиме до нивото, да не правиме тензии од нешто што не постои. И потоа да зборуваме дека некој го нарушува јавниот ред и мир. Уредно и достоинствено да си работиме“, рече таа

Повторно возврати Дамева.

„Граѓаните не ги интересира, ако имате проблем со стручните, кажете ми ќе преземам мерки. Ова се однесува на сите не е ништо лично“, кажа претседателката, на што се надворза одново Горгиева: „Ова е лично, ве замолувам на ниво. Ова ги поминува граѓаните“.

Во кавгата влета и Селим Адеми, ексзаменик претседателот кој незаконски ја разреши Дамева.

„Имаме претставки и по шест месеци. Ве молам“, рече Селим Адеми.

Со ова се согласи и Горгиева која на Дамева ѝ рече: „Ве замолувам како претседател, дадете допринос да работиме професионално и чесно. Личните нетрпеливости оставете си ги пред врата“.

По ова продолжи седницата на која се расправа по претставки од граѓани против судиите.

На почеток