Скопје

Јакимовски крши закони за да ги услужи пајташите, урбаната мафија се бори за висококатница – „Борба за Влае“ против висококатницата кај Воена болница

Граѓанската иницијатива „Борба за Влае“ застана во поддршка на активистите кои денеска ќе излезат на протест за да се стопира градбата на 17-катница позади клиниката „Жан Митрев“, веднаш до „Воена болница“ која пак е прогласена за заштитена од Министерството за култура.

„Како што веројатно веќе секој знае – се кршат копја за локацијата позади Макпетрол во Карпош 3. Урбаната мафија се бори со години за на овој простор да изгради висококатница. Те едните, те другите, сите некако се борат да ја добијат парцелата. И сега конечно си мислат дека стигнаа пред свршен чин. Градоначалникот на Карпош продолжи да крши закони и одлуки за да ги услужи неговите пајташи. Повторно простор со зеленило му дава на неговиот соработник Фатмир Етеми од ЗСФ КОМ. И тоа не за да гради било што, туку за 17катници“, пишуваат тие и додаваат:

„На просторот кој времето на Кензо Танге бил планиран за отворен коридор од Водно до Вардар. Простор околу јавна и воена болница. Како што урбаната мафија се бори да изгради висококатница на ова зеленило, така граѓаните се трудат да ги спречат. * Се носат одлуки на општинскиот Совет – градоначалникот не ги почитува. * Има отворени процеси за добивањето на потврдите – градоначалникот ги игнорира. * Алармираат од различни центри, па дури и воена алијанса – градоначалникиот си продолжува по свое. Можеби урбаната мафија мисли дека може да почнат со градба, но граѓаните се собираат на улиците за да им покажат дека тоа нема да го дозволат. Затоа денес се планирани два протести околу пладне“, додаваат тие.

Повикуваат на масовност.

„Не е важно на кој протест ќе искочите, важно е да покажеме дека сите сме против уште една висококатница од урбаната мафија на местото каде има зеленило во Карпош“, посочуваат од Борба за Влае.

На почеток