Македонија

Казината ги скараа ДУИ и Пендаровски; Шефот на државата утврди злоупотреба, Ахмети му кажа дека раскажува приказни

Претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот на Законот за игри на среќа и го врати во Собранието, а ДУИ му порача дека одлуката која ја донел е за жалење. Шефот на државата кажа дека ваков закон не може да стапи во сила, а тоа го констатирал заедно со Делегацијата на Европската Унија во Македонија бидејќи тој е донесен во несоодветна постапка со употреба на европско знаменце. Овој закон го туркаше пратеничката група на ДУИ, кои дадоа сѐ од себе за да биде изгласан.

„Претседателот Пендаровски, имајќи ја предвид важноста за сеопфатно регулирање на оваа област, но и за легитимните и оправдани грижи на граѓаните во однос на можното штетно влијание на игрите на среќа и забавните игри врз младите, особено врз нивниот психолошки развој, го повикува Собранието без одложување одново да почне дебата и постапка за ова прашање, но во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни, онака како што ѝ доликува на една зрела парламентарна демократија“, велат од Кабинетот на Пендаровски.

По ваквата одлука, ДУИ го поздравија Пендаровски со критики. „Одлуката на Пендаровски е за жалење“, велат од партијата.

„Опозицијата две години по ред го блокираше законот за одалечување на казината и обложувалниците од нашите училишта и деца. Сите ги знаеме нивните мотиви. По сите блокади и опструкции, парламентарното мнозинство конечно го изгласа законот, кој го поздравија сите граѓани, Албанци, Македонци, Турци, Роми, Срби, Босанци и сите останати, а посебно мајките со пораки ‘ни ги спасивте децата’, како и здруженијата против коцкање. Довербата на пратениците и граѓаните кои го поддржаа, како и целата оваа битка за отстранување на казината и обложувалниците од нашите училишта и деца, за двојно зголемување на даноците и зголемување на буџетските приходи и отежнување на процедурите за отворање и проширување на индустријата, Пендаровски ја фрли во корпата за отпадоци, ја одбра страната на обложувалниците и казината. Образложението дека европското знаменце била злоупотребено за усвојување на законот е приказна за мали деца. Замислете немале забелешки за содржината, туку за процедурата. Ние не се предаваме во оваа битка и убедени сме дека пратениците со чиста совест се на страната против казината и обложувалниците“, се вели во реакцијата на ДУИ.

На почеток