Македонија

Новиот државен обвинител почасти стотина гости за изборот: пола забава платена од државна сметка, пола од џеб

Новиот државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски си направил забава за добредојде во куполата на Јавното обвинителство, а ги поканил колегите, претставници на стручна фела, невладини организации и државни институции. Коцевски трошел од државната каса за да ги угости со кетеринг, а пијалаците ги платил од сопствен џеб. Есапот излегол околу 80.000 денари, тврди Обвинителството. На собирот ја повикал и Вилма Русковска, иако таа беше разрешена поради незаконско постапување од Комисијата за дисциплински повреди, чиј претседател беше токму Коцевски. А на собирот биле поканети актуелни и поранешни обвинители, меѓу кои, и неговиот претходник, Љубомир Јовески, како и други пензионирани обвинители.

„Скопје1“ дознава дека забавата била минатиот четврток, а имало над 100 гости. За оваа информација побаравме потврда и од Обвинителство, кои пак велат: „Обвинителството не поседува листа на гости кои се одзвале на поканата“. Прашавме и кој ја правел листата на пожелни гости кои треба да му посакаат успешен старт на Коцевски, но и на тоа прашање нема одговор.

„По состанокот беше организирана и неформална средба на јавниот обвинител и останатите јавни обвинители со претставници на стручната фела, невладини организации и на повеќе државни институции“, стои во кусиот одговор од Обвинителство на прашања за поканетите гости.

Обвинителството можело да ја плати и целата сметка за забавата на Коцевски, но новиот државен обвинител решил дел да подмири сам. Доказ за уплатата на храната, Обвинителството достави до „Скопје1“. Колку чинеле пијалоците – не е познато, но од Обвинителството велат дека и тие ги донел Коцевски.

„Иако Јавното обвинителство, врз основа на законски прописи и одобрен Буџет од Министерството за финансии има спроведено јавна набавка за кетеринг услуги и има предвидени средства за таа намена, од тие средства беа искористени само 39.102 денари, односно помалку од половина од сметката за храна. Останатиот дел од сметката во висина од дополнителни 40.698 денари, како и трошоците за пијалаци послужени за време на неформалната средба ги плати лично Јавниот обвинител Коцевски“, додаваат од Обвинителството за „Скопје1“.

Според уплатницата која ја достави Обвинителството, Коцевски долгот кон фирмата која ги гоштевала гостите го платил денеска на пладне. Иако имало над сто гости, тој платил од својот џеп за 51 лице. За останатите, парите се издвоени од буџетот.

На почеток