Македонија

Стево Пендаровски со поддршка од СДСМ за кандидатурата за претседател

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија одржа партиски конгрес на кој меѓу останатите, едногласно беше донесена и одлука за поддршка на кандидатурата на Стево Пендаровски за втор мандат за претседател на Република Северна Македонија.

Со оваа одлука се заокружува широкиот фронт на поддршка од политички субјекти и граѓани за кандидатурата за втор мандат за претседател. Во прилог проследуваме изјава од Пендаровски:

„На вечерашниот конгрес Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја потврди својата поддршка за мојата кандидатура за втор мандат.

Им благодарам на укажаната доверба.

Во изминатите денови добив јавна поддршка за вториот мандат од граѓани, дел од нив јавни личности, универзитетски професори, културни работници, луѓе кои ме познаваат. Денеска многу граѓани со своите потписи ја дадоа поддршката и за само неколку часа ги собравме над потребните 10 000 потписи.

Широкиот фронт на поддршка не е само чест, туку и обврска за посветена, чесна и храбра кампања и извојување на нова победа.

Да продолжиме да работиме на создавање отворено, креативно, иновативно и демократско општество во кое ќе има место за секој, каде сечиј потенцијал ќе се цени и секој ќе добие можност да успее тука, дома.

Ви благодарам на сите за поддршката. Продолжуваме заедно!“

На почеток