Кривична пријава против полициски службеник


Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.С., полициски службеник во Одделот за обезбедување на определени личности и објекти, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“, казниво по член 382 од Кривичниот законик.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против С.С. поднесе предлог за поведување на дисциплинска постапка за потешко кршење на работниот ред и дисциплина по член 210 став 1 точка 10 и 20 од Колективниот договор на МВР, член 187 став 1 точка 10 и 20 од Законот за внатрешни работи и член 26 од Етичкиот кодекс за однесување на работниците на МВР и времено суспендирање од работното место до завршување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност.
Имено, на 28.10.2023 во Ургентниот центар во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, С.С. физички нападнал и попречувал полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје при извршување службени дејствија, спровод на осуденик од Казнено – поправната установа Затвор Идризово до комплексот клиники.
