Османи ќе си користи приватно возило, но не и Маричиќ: можеби е законски, но дали е во ред од морален аспект


Бујар Османи ќе почне да оди по митинзи со приватно возило, а најави и дека ќе внимава максимално во кампањата за да не користи државни ресурси. Ова доаѓа откако тој држеше прес-конференција на која отиде среде работно време со службено возило. Ставот го искажа во „Топ тема“, каде меѓудругото посочи дека ќе успее да извршува четири функции истовремено – портпаролската, партиската, кандидатската, министерската.
Истовремено, молк од вицепремиерот Бојан Маричиќ кој со службено возило, си вршеше приватни потреби. Иако според дел од познавачите на правилниците во МВР, Маричиќ има право 24/7 да користи службено возило и обезбедување, во прашање се доведува моралниот аспект. За разлика од Османи, кој исто така има право на службено возило, но прави чекор назад за да не излезе дека злоупотребува државни ресурси, Маричиќ досега нема таква намера.
Претходно, беше објавено дека нема месец во кој Бојан Маричиќ како министер за правда не бил во ресторан на државна сметка. Од бифтеци и печења до свежи риби и јунешки мускули се плаќале со неговиот министерски потпис. На сметките исто така има и жолти ракии и висококвалитетни вина. Плаќал со службената картичка, но и на фактури што угостителските објекти ги доставувале до Министерството за правда.
