Македонска компанија развивала шпионски софтвер – се прошири црната листа


Министерството за финансии на САД ставија санкции за два поединци и пет ентитети поврзани со конзорциумот Intelexa, вклучително и македонската компанија Сајтрокс АД. Компанијата била клучен играч во развивање шпионски софтвер Предатор – сериозна закана за безбедноста и интересите на Соединетите Американски Држави. Сите физички и правни лица биле поврзани со конзорциумот „Интелекса“ и имаат значајна улога во развојот, работењето и дистрибуцијата на комерцијалната технологија за шпионскиот софтвер „Предатор“ со кој се таргетирале и владини претставници на САД. Оттаму сметаат дека комерцијалниот шпионски софтвер претставува посебен и растечки безбедносен ризик за САД кој бил злоупотребен од странски актери. Со помош на софтверот се прекршиле човековите права на повеќе граѓани низ светот за репресија и одмазда.
„САД остануваат фокусирани на воспоставување јасни заштитни огради за одговорен развој и употреба на овие технологии, истовремено обезбедувајќи ја заштитата на човековите права и граѓанските слободи на поединците ширум светот“, изјави потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање од САД, Брајан Е. Нелсон.
Порталот it.mk уште во 2021 година објави профил на Сајтрокс (Cytrox) од Македонија, кога оваа компанија беше банирана од МЕТА, компанијата на Фејсбук.
Во објавениот текст под наслов „Зошто Meta ја банираше македонската компанија за шпионски софтвер“, Cytrox, од it.mk пишуваат дека стартапот во Македонија е основан во 2017 година. Истата година се основани и компаниите во Израел под името „Cytrox EMEA Ltd.“ и „Cytrox Software Ltd.“; Во Унгарија во 2017 е основана „Cytrox Holdings Zrt“. Citizen Lab не објави подетални информација за македонската компанија освен името на основачот. Сепак Централниот депозитар за хартии од вредност на 3 април 2017 објавил дека е евидентирано Друштво за развој на софтвер, трговија и услуги САЈТРОКС АД Скопје.
Сајтрокс АД беше додадена на списокот на ентитети на Одделот за трговија на 18 јули 2023 година, за трговија со сајберексплоатации, што се користат за да се добие пристап до информациски системи, загрозувајќи ја приватноста и безбедноста на поединци и организации ширум светот.
