Македонија

(Видео) Таткото на убиената Вања: Кога ќе се донесе одлуката, ќе донесам лична одлука дали ќе се придружам на постарата ќерка

Обвинителката Наталија Тасевска бара Александар Ѓорчевски, татко на Вања, да остане во притвор, адвокатот Владимир Туфгеџиќ бара тој да биде да се брани од слобода, а осомничениот низ солзи му кажа на судот дека не му е важно каде ќе ја дочека разрешницата на случајот. Ѓорчевски кажа дека е на два света, а дека сам ќе одлучи дали ќе остане со помладата ќерка или ќе и се придружи на Вања. Од почетокот на јавната седница па се до крајот, тој плачеше.

„Јас сум на два света во моментов. Едното дете се наоѓа тука, другото ми го земаа. Не ми е битно каде ќе ја дочекам оваа разрешница. Кога ќе се донесе одлуката ќе донесам лична одлука дали ќе се придружам на постарата ќерка“, рече Ѓорчевски.

Беше побарано осомничениот на кратко да се сретне со неговите родители кои дојдоа како јавност во судницата, а Врховен суд им даде да поминат заедно две минути.

Обвинителката Тасевска се противи на тоа Ѓорчевски да биде ослободен од притвор. Според неа постои висок ризик тој да избега или да го повтори делото. Немаше образложение врз основа на кои докази го искажува тоа тврдење.

Адвокатот Туфегџиќ му повтори и на Врховниот суд, дека Ѓорчевски е неоправдано во притвор и дека со тоа се прави уште една трагедија, покрај убиството на неговата ќерка. Посочи дека за притворот нема основана аргументација.

Во овој случај, Љупчо Палевски-Палчо е осомничен дека бил планерот, организаторот и реализаторот на двете убиства. Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања се сомничи дека му дал информации на Палчо поврзани со времето кога неговата ќерка ја напушта зградата и оди на училиште. Последниот осомничен е Стефан Димковски, кој беше уапсен за помагање на бегството на Палчо бидејќи отишол до Белград да го земе Палевски и да го однесе во Турција. Палевски-Палчо е во екстрадиционен притвор во Турција, додека останатите осомничени се во притвор.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

На почеток