Македонија

Дрска, скандалозна, со незаконско постапување – Тошковски ја опиша Владата на Џафери

Дрски, кои донесоа незаконска и скандалозна одлука. Ова се зборовите со кои техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски ја опиша техничката Влада предводена од Талат Џафери. Според него, незаконски е чекорот со кој, Владата му ги укинува издадените наредби во рамки на МВР.

„Целовкупното поведение на техничката Влада во најмала мера е чудно за сите, а јас можам да кажам крајно незаконито и скандалозно. Ги знаете одлуките за актите кои беа потпишувани, за одлуката за СВР Тетово, а сега Влада се дрзна да поништи наредба за колешка, која на доброволна основа е упатена во пунктот во Ново село. Влада ја поништува одлуката. За наредба зборувам! Во минатите мандати не се случило да поништат наредба. Ај што се тотално неинформирани, па уште од згора и дрски – да зборуваат за потписи, формални грешки“, вели Тошковски.

Нему му беа поништени пет наредби.

„Имено, една од петте поништени наредби се однесува на работник во Министерството за внатрешни работи кој се упатува да извршува работни задачи во управните служби во Ново Село каде се соочуваме со кадровски дефицит во делот на издавањето на лични документи, а со ваквата одлука на Владата практично се доведува во прашање функционирањето на оваа организациска единица, односно издавањето на лични документи на граѓаните на оваа Општина.
Останатите четири наредби се однесуваат на советници од мојот кабинет со кои им се даваат конкретни насоки за постапување, а со нивното поништување исто така се влијае на работата на Министерството на највисоко ниво кое во претстојниот период треба да биде гарант за спроведување на мирен и демократски изборен процес“, соопшти претходно Тошковски.

На почеток