(Фото) Доктор од Прилеп ги посрамоти колегите од Битола во извештај: „За срамота, при 10 хирурзи во Битола да се праќа пациентот во Прилеп за катетер!“
Пациент од Битола бил пратен во Прилеп за да му биде ставен катетер. Ваквиот чекор на битолските доктори е причина за остра реакција од страна на нивните колеги во Прилеп. Во специјалистичкиот извештај, докторот ѝ се обраќа и на директорката на Клиничката болница „Битола“ и ѝ посочува дека крајно време е да преземе мерки. За овој случај „Скопје1“ исконтактира со в.д. директорката на битолската болница, Елизабета Ивановска. Таа не беше запознаена со случајот. Ѝ го испративме извештајот.
„Ставен катетер. За срамота при 10 хирурзи во Клиничката болница Битола се праќа пациент во Прилеп, за поставување на катетер на пациент со ретенција, крајно време директорот да си преземе и повеќе мерки да не се случуваат вакви работи. Здравството во Битола го допре дното“, стои во извештајот.
Откако ја прочита препораката во која се бара да преземе мерки за нејзиниот кадар, директорката одговор ни достави преку лицето за односи со јавност во ЈЗУ Клиничка болница-Битола. Оттаму потврдуваат дека лицето било пратено во Прилеп, не поради катетерот, туку бидејќи требало да биде третиран.
„Причината поради која пациентот кој што беше примен во Клиничка болница Битола на 03.03.2024 година од страна на доктор супспецијалист кардиолог во Оддел за интерни болести и беше препратен на доктор специјалист Уролог во општа болница Прилеп бил под специфична состојба и тоа со 24 часовна ретенција на урина. Причината поради која беше пратен при Општа болница Прилеп е да истиот биде понатаму прегледан и третиран од доктор специјалист уролог, со цел да се спречи понатамошна компликација на неговата специфична состојба, која може да биде и живото-загрозувачка“, вели Ивона Трифунов – лице за односи со јавност при ЈЗУ Клиничка болница Битола.
Оваа здравствена установа е честопати споменувана во медиумите. Таму почина шестгодишната Јана Христова, случај кој ја потресе јавноста. Потоа, почина новороденче непосредно по раѓањето, откако на родилката и била дадена таблета за провокации по што била пуштена дома. По сето ова, директорот Александар Обедниковски денеска ја депонираше оставката, а Елизабета Ивановска беше назначена за в.д. директор.
Во болницата влегоа и јавни обвинители со истражители. Ревизорскиот извештај покажа малверзации и неправилности, а тоа беше причина да се отвори предистрага.
Последен во низата скандали беше на почеток од месецов, кога докторка од одделението за Психијатрија нападнала колешка, исто така специјалист психијатар при Клиничката болница Битола.