Македонија

Пет претреси, уапсени четири лица: голема акција против криминална група, имале помош и од странство

Денеска во раните утрински часови, под раководство на предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал реализираше акција во која е сузбиена организирана криминална група која во периодот од август до ноември 2023 година извршувала кривично дело криумчарење мигранти. Извршени се претреси на пет локации во Скопје и Неготино, при што од слобода се лишени четири лица, додека за едно лице се преземаат мерки за негово пронаоѓање.

Постапувајќи по поднесената кривична пријава, надлежниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 12 лица. На сите осомничени им се става на товар дека сториле кривично дело Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти казниво по член 418-в од Кривичниот законик, а за петмина од нив постојат основи на сомнение дека сториле и кривично дело Криумчарење на мигранти по член 418-б од Кривичниот законик.

Во изминатиот период под раководство на јавен обвинител Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал заедно со Одделот за специјални и посебни операции спроведоа координирана полициска операција со цел расчистување на кривични дела што се однесуваат на организирање на група за вршење на кривични дела криумчарење мигранти. Сознанијата до кои е дојдено во текот на операцијата укажуваат дека четворицата првообвинети заедно со лице од странство организирале криминална група која организирала криумчарење на поголем број мигранти, кои веќе одреден период престојувале на територијата на Република Србија и Република Грција. Во договор со лицето од странство, мигрантите кои најмногу биле од Непал и Сирија на територијата на нашата држава биле пренесувани преку илегални премини во околината на Гевгелија и Демир Капија од територијата на Република Грција, а потоа со помош на водичи координирано се доведувале на претходно утврдени и договорени локации. Костејќи ист modus operandi организаторите криумчареле мигранти и во околината на кумановско – липковскиот регион каде од македонска територија мигрантите ги пренесувале на територијата на Република Србија, а од таму членовите на групата ги преземале со патнички и товарни моторни возила и ги превезувале преку илегални премини кон државите на Европската унија.

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за петмина осомничени. Останатите осомничени се наоѓаат на издржување на затворски казни во Казнено – поправните установи Скопје, Идризово, Куманово и Гевгелија за претходно сторени кривични дела.

CategoriesСоопштенија

На почеток