Путин: Не е исклучена тотална војна со НАТО
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не може да се исклучи целосен конфликт со НАТО на прес-конференција во Москва по повод неговата „победа на претседателските избори“ за кои нашироко се верува дека биле наместени.
„Во случај на сериозен конфликт со НАТО, светот би бил на само еден чекор од Третата светска војна“, изјави Путин доцна вчера, цитиран од руската државна новинска агенција ТАСС. „Мислам дека е малку веројатно некој да го сака тоа“, додаде тој
Според Путин, во Украина веќе се распоредени бројни војници од земјите членки на НАТО. „Тоа веќе го знаеме“, рече тој, додавајќи дека на бојното поле веќе се слушаат француски и англиски. „Тоа не е добро, особено за нив, бидејќи таму умираат во голем број“, рече Путин, кој не даде никакви докази за тврдењето.
Украина повеќе од две години се брани од Русија со помош на Западот.