Македонија

Велигденскиот пост – Народот вели: Кој пости, душата ја гости

По Прочка која беше вчера, денеска почнуваат Велигденските пости.

Во текот на седумнеделниот период на Велигденскиот пост има повеќе празници. Траат од Чистиот понеделник до Лазарова Сабота. На крајот од Велигденскиот пост, се надоврзува постот на Страстната седмица, така што овој пост трае вкупно 48 дена.

Велигденскиот пост кој започна денеска се вика Голем поради својата важност, но и времетраење. Тој се состои од Светата четиридесетница и Страстната седмина.

Четиридесетницата завршува во петок, 6-та недела од постот кога доаѓа постот од Страстната седмица кој е посветен на страдањата и смртта на Исус Христос.

Првата недела од Големиот пост се нарекува Чиста, зошто се верува дека тогаш во молитвите се слуша душата која се чисти. Со тие молитви ние се одрекуваме од гревовите и доаѓаме до спасение и вечен живот.

Храната во постот е доминантно од растително потекло. Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло. Сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на оние во длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл. Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од свештеникот.

Сепак велигденскиот пост не значи само одрекување од храна. Важен е и духовниот пост. Верниците во деновите на постот треба да се воздржат од лоши мисли и дела, и да се обидат да најдат духовен мир, без што постот нема смисол.

На почеток