ЕУ постигна привремен договор за суспензија на царините и квотите за извозот од Украина
Европската унија постигна привремен договор за суспензија на увозните давачки и квоти за украинскиот извоз во ЕУ за уште една година, до 5 јуни 2025 година.
Ова обновување ја потврдува непоколебливата политичка и економска поддршка на ЕУ за Украина, по две години неиспровоцирана и неоправдана воена агресија на Русија, објави Советот на ЕУ. Заедно со широката воена, финансиска и хуманитарна поддршка на ЕУ, ова ќе и помогне на Украина во нејзиното долгорочно закрепнување, како и нејзината постепена интеграција на внатрешниот пазар на ЕУ, се вели во соопштението.
Според привремениот договор, украинските производители на храна ќе имаат бесцарински пристап до пазарите на ЕУ до договорениот датум. Европскиот парламент и Советот сега треба официјално да ја одобрат привремената спогодба.
Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент и амбасадорите на ЕУ (Корепер) во текот на денот треба да го потврдат исходот од меѓуинституционалните преговори.
Се очекува соодветната одлука на Парламентот да биде усвоена на една од априлските пленарни седници, а потоа регулативата да биде усвоена од Советот, а потпишана од претставниците на Советот и Европскиот парламент и објавена во Службен весник, пред да стапи во сила на 06 јуни оваа година.