Свет

Киев бесен на сојузниците

Михаил Подољак, главен советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, ги осуди лидерите на ЕУ што седат на две столчиња додека Русија ја одолговлекува војната.

„Од една страна, вие сте сојузник и треба да и помогнете на Украина во војната“, рече Подољак во интервју за Политико, додавајќи дека лидерите на ЕУ, од друга страна, се обидуваат да го заштитат својот пазар на протекционистички начин.

Бриселскиот портал наведува дека односите меѓу Киев и неговите европски сојузници се затегнати уште од протестите на земјоделците во Полска, како и во другите европски земји, кои избија против увозот на земјоделски производи од Украина.

И сега земјите од ЕУ се поделени околу тоа дали да го продолжат бесцаринскиот увоз на украински производи, додека Полска и Франција бараат построги ограничувања.

Подољак се пожали дека дебатата за тоа дали повторно да се воведат бариерите, кои беа отстранети по нападот на Кремљ врз Киев, не е достојна за украинските сојузници. Тој истакна дека европските земји продолжуваат да тргуваат со Русија и покрај тоа што борбите се одолговлекуваат.

„Ова ми изгледа чудно“, рече тој. „Истовремено ја финансирате одбраната на Украина, која се брани од Русија. Вашите компании го финансираат рускиот федерален буџет, од кој 42 отсто оди директно во војната. Значи, вие сте и овде и таму во исто време“, додаде тој.

Кремљ, додаде тој, се подготвува за продолжен конфликт и одолговлекува со цел да ја поскапи војната за западните земји и Украина.

„Русија е заинтересирана за долга војна и западните земји да се изморат и да кажат „тоа е тоа, ајде да бараме некакво компромисно решение“. Но, во оваа војна нема компромисно решение“, рече Подољак.

На почеток