Магазин

Фотографиите на Макрон го обиколија интернетот

Фотографиите на кои се гледа францускиот претседател Емануел Макрон како вежба бокс предизвикаа различни реакции на социјалните мрежи.

Во вторникот, официјалниот фотограф на францускиот претседател објави две црно-бели фотографии на Инстаграм на кои се гледа Макрон со боксерски ракавици и боксерска вреќа пред него, пренесува Фигаро.

Весникот наведува дека некои корисници на социјалните мрежи го обвиниле фотографот дека прибегнал кон уредување за фотографијата да биде повпечатлива, а некои го споредиле Макрон со Роки Балбоа. Други корисници на социјалните мрежи истакнаа дека фотографиите биле објавени набргу откако Макрон изјавил дека не може да се исклучи можноста за испраќање на западни трупи во Украина и се пошегуваа дека на фотографиите се гледа дека Макрон се подготвува да се соочи со рускиот претседател Владимир Путин, кој често покажува спортски дух на фотографиите. .

Женскиот магазин „Femme Actuelle“ напиша дека „сопругот на Брижит Макрон“ има „одлучен изглед, како да сака да се бори со противникот“.

Сопругата на Макрон, Брижит, минатата година во интервју за магазинот „Paris Match“ изјави дека тој редовно вежба бокс два пати неделно.

На 8 јануари, Макрон се фотографираше со боксерски ракавици на рамо во кратко видео на неговиот профил X 200 дена пред церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз, според Фигаро.

На почеток