Македонија

Министерот за здравство и медицинските комори им најавија војна на антиваксерите

Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата потпишаа трите медицински комори:Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката, Министерството за здравство, медицинските факултети во земјава и Институтот за јавно здравје.

Вакцинацијата, беше потенцирано е најголема придобивка на човештвото.

Состојбата со имунизацијата е незадоволителна, податоците за 2022 година, во однос на примарната вакцинација и ревакцинација покажуваат дека не е постигнат препорачаниот опфат од над 95 отсто за ниту една вакцина на национално ниво.

,, Како последица на ова, веќе се соочуваме со епидемија на голема кашлица, а ризикот од повторно соочување со нови епидемии на мали сипаници, е сериозен”, рече Калина Гривчева – Старделова, претседател на Лекарската комора.

Министерот за здравство, Илир Демири посочи дека сите доктори во јавното и приватното здравство треба да се вакцинирани и да бидат амбасадори на вакцинацијата, но има доктори што им советуваат на родителите на мали деца да не ставаат вакцина додека детето не прооди и не почне да зборува. Во земјава функционира здружение кое јавно се залага против вакцинацијата.

,,Земам јавна обврска да се испита како е засновано тоа здружение на антиваксери и под кои законски принципи функционира. Секоја изјава во медиуми треба да се проследи и да се види точно што стои зад такви антиваксерски кампањи. Не знам законски каква е можноста да се атакува на тие структури, но ако има потреба ќе влијаеме и да се сменат законите со кои ќе се казнуваат сите луѓе кои почнуваат некаква си кампања против вакцинацијата”, изјави Демири.

На почеток