Американската министерка за внатрешни работи Кирстен Нилсен и директорот на ФБИ Кристофер Вреј потврдија за одборот на Сенатот за безбедност дека Кина се меша во американските избори и претставува поголема закана од Русија.
Нилсен изјави дека постојат две закани, кога станува збор за безбедноста на американските избори: една се однесува на хакирање на изборната инфраструктура, како избирачките списоци, а другата се однесува на кампањи кои чија цел е да влијаат врз јавното мислење.
„Кина апсолутно и без преседан се обидува да влијае врз мислењето на американската јавност, но за сега не забележавме обид за загрозување на изборната инфраструктура“, рече министерката и експерт за сајбер безбедност, пренесе Фокс њуз.
Вреј во својата проценка рече дека Кина претставува уште поголема закана од Русија.
„Кина на многу начини претставува сеопфатна, комплексна и долгорочна контраразузнавачка закана. Русија се бори да остане релевантна по падот на Советскиот Сојуз. Тие ја водат денешната битка, а Кина утрешната“, рече директорот на ФБИ.
Претседателот Доналд Трамп во Советот за безбедност на ОН рече дека Кина се обидува да се меша во изборите во ноември, на сметка на неговата администрација.