Македонија

Потврдени кандидатските листи за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ

Раководството на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ вечерва ги потврди кандидатските листи за пратеници во шесте изборни единици.

Партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој веќе претходно ги објави носителите, ќе ја предводи листата во првата изборна единица (ИЕ) која го опфаќа најголемиот дел од Скопје. На втората позиција е потпретседателката на партијата, Гордана Кочовска-Димитриевска.

Во изборната единица „два“ ќе биде уште еден партиски потпретседател Владо Мисајловски. Втора на листата ќе биде актуелната пратеничка Жаклина Пешевска.

Во „тројката“ листата ќе ја предводи пратеникот Драган Ковачки, а грб ќе му чува актуелниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Во изборната единица четири, носител ќе биде и другиот потпретседател на партијата Александар Николоски, додека на втора позиција е актуелниот пратеник и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски, ќе ја предводи листата во „петката“ каде следна е актуелната пратеничка Олга Лозановска.

Нејзината колешка од актуелниот пратенички состав, Дафина Стојаноска, е носителка во шестата изборна единица. На втората позиција, пак, е уште еден актуелен пратеник, Александар Велјановски.

Целосните листи со имиња и презимиња на кандидатите, кои вечерва ги потврди Извршниот и Централниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, пред медиумите ги прочита Тимчо Муцунски – актуелен градоначалник на Аеродром.

На почеток