Македонија

Работниците на улица, ССМ најавува протести

Сојузот на синдикатите најавува масовни протести од наредната недела. На улиците излегуваат за да го изразат незадоволството и да ги бараат своите права на 2 април, 8 април и традиционално на Денот на трудот, 1 мај. Незадоволни се од растот на минималната плата.

Протестот на 2 април ќе почне од пред зградата на ССМ а ќе заврши пред Врховниот суд. Од ССМ велат дека судиите мора да се одважат и час поскоро да им го вратат работничкиот дом кој им беше одземен со судска одлука.

„Ќе ги охрабриме да ја преиначат пресудата, срамната пресуда за конфискација на работничкиот дом од работниците и за доделување на државата. На државата не и треба уште една зграда и требаат работници и синдикат“, рече претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов.

На 8 април, ќе протестира од ССМ до Министерството за здравство Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита. Тие ќе протестираат поради тоа што половина вработени во јавниот сектор нема да добијат усогласување со минималната плата, па илјадници работници ќе останат без покачување на платите од скромни 2.400 денари.

ССМ традиционално ќе протестира и на Први мај. Очекувањата се најмалку 450 евра минимална плата во првите 100 дена на новата Влада.

Работниците носат одлука за тоа кој ќе ја води државата наредниот период, порача Трендафилов, најавувајќи дека преку протести на кои ќе ги искажат своите барања ќе бидат активни во предизборниот период.

На почеток