Путин во државна посета на Кина
Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека се очекува оваа година претседателот на Русија, Владимир Путин, да допатува во државна посета на Кина.
Соопштението беше објавено откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја посети Кина.
„Кинескиот лидер Си Џинпинг го поздрави доаѓањето на Сергеј Лавров во Пекинг како важна фаза во сеопфатните подготовки за претстојната државна посета на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на Народна Република Кина оваа година“, се вели во соопштението на Министерството, пренесува агенцијата РИА.
Лавров беше во дводневна посета на Кина, каде се сретна со неговиот кинески колега Ванг Ји, при што рече дека посебно внимание на Русија е посветено на претстојните контакти меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин, и претседателот на Кина, Си Џинпинг. .
Тој изјави дека Ванг Ји му ја потврдил својата намера да учествува на состанокот на Советот на министри за надворешни работи на БРИКС и дека Русија и Кина имаат намера да го решат проблемот со западните санкции против Русија во рамките на БРИКС и Шангајската организација за соработка (ШСО).