Пендаровски: Го повикуваам на дуел Мицкоски, очигледно тој е кандидат за претседател
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа го повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на јавно телевизиско соочување:
„Јас бев првиот од седумте кандидати кој уште пред 20 дена предложи таканаречена мастер дебата. Сите седуммина, пред сите телевизии да имаме најмалку две соочувања пред првиот круг и тие што ќе поминат во вториот круг, уште една потоа. Меѓутоа од страна на најголемата опозициона партија прво бевме одбиени бидејќи побараа двајца од кандидатите да не учествуваат. Меѓутоа, јас сакам вечерва да предложам да имаме вистински дуел, да има реален дуел, не фингиран дуел. Јас предлагам вечерва да излезам на дуел со Христијан Мицкоски, бидејќи очигледно тој е кандидат за претседател. Госпоѓата Силјановска не ја гледаме каде е“ порача Пендаровски.
Пендаровски посочи и дека во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, дека таму се истите луѓе на Никола Груевски.
„Ако се на власт ќе владеат исто, затоа што станува збор за истите луѓе. Генералниот секретар на Груевски е денешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ треба да каже кои јаки меѓународни пријатели ги имаат за да сменат нешто со Бугарија. А ние знаеме кои се нивни пријатели“ посочи Пендаровски.
Кандидатот за претседател Пендаровски ги повика граѓаните на 24 април да гласаат за бројот еден, опција која за разлика од опозицијата не го дели народот по ниту една основа.