Македонија

Агелер не коментира зошто министерот за труд Лимани не доби виза, Мицкоски смета дека е непристојно да ја надсинхронизира

Во врска со одбиеното барање за виза на министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, амбасадорката Агенла Агелер упати одговор да се бара кај самиот апликант, посочувајќи дека САД имаат строги закони за приватност и дека не може да коментира прашања поврзани за добивање на американска виза за ниту еден апликант.

„Имаме многу строги закони за приватност во Соединетите Американски Држави и затоа не можам да коментирам какви било прашања за виза за ниту еден поединец. Би ве упатила кај министерот да ви каже за тоа што се случило, но, исто така, ќе кажам дека секој апликант за американска виза, процесот за добивање на американска виза му се објаснува на поединецот, а доколку има нешто дополнително, тоа е исто така објаснето, рече Агелер.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека на министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани му е одбиено барањето од САД за американска виза, а при тоа се повика на објаснување од страна на амбасадорката Анџела Агелер.

„Сега би било многу непристојно, јас нејзината екселенција – амбасадорката Ангела Агелер да ја надсинхронизирам. Тоа што е поврзано со процедурите на издавање виза на американската администрација таа многу фино ви објасни“, рече Мицкоски.

Изминатите денови опозициските СДСМ и Алијанса за Албанците соопштија дека на Лимани му било одбиено барањето за американска виза. Министерот, наводно, требало да присуствува на конференција на Обединетите нации.

На почеток