Македонија

Претресениот директор на Финансиската полиција од СДСМ отиде во ДУИ: Имам верба во непобедениот Ахмети

Ексдиректорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, кој беше дел од СДСМ, сега е дел од ДУИ. Тој за тоа извсти и преку социјалните мрежи, објавувајќи фотографија со Али Ахмети.

„Почитувани семејства, пријатели, колеги и сите вие добронамерници, сакам да ве информирам дека по многу дискусии и анализи решив да се приклучам на Европскиот фронт, со една цел, најдобрата иднина на нашата земја. Имам целосна верба во моќта на мислата на непобедениот лидер низ годините, г. Али Ахмети! Ги повикувам сите истомисленици во поддршка, да им дадеме глас на нашите цели да триумфираме и да ја движиме оваа земја напред!“, напиша Муареми.

За рекорден период, Муареми ги промени и сите фотографии на „Фејсбук“, па наместо ликовите на челници од СДСМ, сега се од ДУИ. Па така, на насловната фотографија е кандидатот за претседател Бујар Османи, а на профилна, бројот 4, под кој тој настапува.

Муареми беше мета на истрага од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Беа извршени претреси, со дозвола од суд, а потоа, беше водена дисциплинска постапка за обвинителите кои ги правеа претресите – по што беа и казнети. Епилогот од истрагата – не е познат.

На почеток