Израелски тенкови и војници влегоа во Рафа: Над 100.000 Палестинци се евакуирани од југот на Газа
Израелски тенкови и војници влегоа во градот Рафа во јужниот дел на Газа, каде што стигнаа на околу 200 метри од границата со Египет, изјавија палестинските и египетските власти кои побараа да останат анонимни, пренесе АП.
Египетски функционер изјави за агенцијата дека се чини дека станува збор за операција во ограничен обем и дека израелските власти го информирале Египет дека војниците ќе се повлечат по завршувањето на операцијата.
Информациите доаѓаат еден ден откако Израел нареди евакуација на повеќе од 100.000 Палестинци од Источен Рафа во „безбедна зона“ во близина на градот Кан Јунис.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека извршуваат „целни напади“ против палестинската милитантна група Хамас во источниот дел на Рафах, а палестинските власти соопштија дека најмалку пет лица загинале во тешки воздушни напади.
Израелскиот воен кабинет вчера одлучи да ја спроведе планираната операција во Рафа за „да изврши воен притисок врз Хамас“, и покрај претходната изјава на Хамас дека палестинската група се согласила со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот.
Израелскиот кабинет објави дека целта на „операцијата“ во Рафа е да се постигне напредок во ослободувањето на заложниците, како и други воени цели.