Свет

Израелската армија ги интензивираше нападите врз бегалскиот камп Џабалија

Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги интензивираа нападите врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, додека продолжуваат со воздушните напади на истокот на градот Рафах.

Според сведоштвата на жителите на Џабалија и медиумите под контрола на групата Хамас, израелски тенкови се обидуваат да се пробијат до центарот на бегалскиот камп, кој е под бомбардирање на ИД, пренесува Ројтерс. Групата Хамас рече дека нејзините членови се борат против ИД источно од Џабалија, каде Израел вели дека се обидува да го спречи Хамас да ги обнови своите борбени способности.

ИД го бомбардира и источниот дел на градот Рафах на југот на Појасот Газа, а неговите тенкови се наоѓаат во близина на патот Салахудин.

Израелскиот воен кабинет одобри „ограничено проширување“ на воената операција во Рафа во четвртокот навечер.

Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за Палестинците во Газа (UNRWA) соопшти дека околу 300.000 луѓе биле погодени од наредбите за евакуација во Рафа и Џабалија, но дека бројките веројатно би можеле да бидат поголеми бидејќи станува збор за густо населени области.

Околу милион Палестинци, кои избегаа од конфликтот во други делови на Појасот Газа, најдоа засолниште во Рафах. Џабалија е најголемиот од осумте бегалски кампови во Газа и е дом на повеќе од 100.000 луѓе, од кои повеќето се потомци на Палестинците кои беа протерани од градовите и селата во денешен Израел за време на арапско-израелската војна во 1948 година, која доведе до создавање на државата Израел.

На почеток