Ники Хејли ќе гласа за Трамп на изборите во САД
Поранешната републиканска кандидатка за претседателска номинација во САД, Ники Хејли, најави дека на претседателските избори во ноември ќе гласа за Доналд Трамп, кој и беше ривал на првичните партиски избори.
Таа, исто така, посочи дека Трамп мора да работи за да ги придобие нејзините гласачи, пренесува Voice of America.
„Ќе гласам за Трамп. Но, јас стојам на она што го кажав кога се повлеков од прелиминарната трка – Трамп треба да допре до луѓето кои гласаа за мене, а не само да претпоставува дека ќе гласаат за него сега. И јас искрено се надевам дека тие ќе го направат тоа“, рече Хејли во Институтот Хадсон во Вашингтон.
Тоа беше и нејзино прво појавување во јавноста откако ја напушти трката за претседателска номинација во Републиканската партија и прва јавна поддршка што му ја даде на Трамп.
Хејли, која беше амбасадор на САД во ОН во администрацијата на Трамп, се повлече од трката пред два месеци, но потоа не го поддржа Трамп, туку го обвини дека создава хаос, дека не соработува со меѓународните сојузници и се прашуваше дали на 77 години можеше да биде претседател.
Трамп, од друга страна, често ја критикуваше или навредуваше Хејли, дури и ја нарече „пилешки мозок“, пишува Гласот на Америка.