Македонија

Се сликаа за ФБ, земаа дневници, но пратениците на СДСМ ја одмолчеа цела конститутивна седница

Новоизбраните пратеници на коалицијата за Европска иднина, предводена од СДСМ буквално ,, уста не отворија” на конститутивната седница.
Тактика или немаа што да кажат 18-те народни избраници за верификација на мандатите, изборот на две комисии, дали треба во две општини предвремени локални избори, дали Талат Џафери кој е избран пратеник може до изборот на нов да биде премиер. Немаа став ниту за предлогот за избор на Африм Гаши за спикер.
Можеби како власт се преморија па и за нив дојде живот и време да пододморат.

Андреј Петров долгогодишен функционер од СДСМ и Стефан Богоев, кој е можен кандидат за лидер на партијата, ова не го премолчеа и жестоко ги искритикуваа новоизбраните пратеници.

,,Срам ме изеде од однесувањето на СДСМ на денешната седница, затоа што никој не стана и не кажа збор. Опозицијата треба да биде конструктивна, но работата на пратеникот во парламентот е да зборува на говорница. Ако некој нема намера да зборува на говорница, место да поднесува оставки од партиски органи, нека поднесе оставка од пратеничкиот мандат“, изјави Петров во гостување на Сител.

Стефан Богоев се огласи преку социјалните мрежи:

,,Пратениците треба да знаат дека се избрани од народот за во Собрание да аргументираат и дискутираат, а не да се сликаат и да молчат. Особено на седници на кои се формира владејачко мнозинство и се избира претседател на Собранието. СДСМ треба да има конструктивна, но пред сѐ корективна и проактивна улога во Собранието, Тоа мора да биде така од самиот почеток. Во спротивно, други партии ќе го преземат опозицискиот простор“, напиша Богоев на својот ФБ.

На почеток