Свет

Иран испрати закани

Иран најави дека ќе реагира доколку МААЕ усвои резолуција против земјата, пренесе иранската новинска агенција Фарс.

„Во случај на усвојување на резолуцијата против Иран, Иран ќе одговори според најавата што им ја дадовме“, изјави шефот на иранската нуклеарна програма Мохамад Еслами.

Да потсетиме дека Велика Британија, Франција и Германија официјално поднесоа нацрт-резолуција против Иран до Управниот одбор на Агенцијата за атомска енергија на Обединетите нации (МААЕ), за која ќе се гласа подоцна оваа недела.

Нацрт-резолуцијата, која ја виде Ројтерс, се надоврзува на резолуцијата што МААЕ ја донесе пред 18 месеци, со која на Иран му се наредува итно да одговори на наодите од истрагата на агенцијата, при што беа пронајдени траги од ураниум на непријавени локации во Иран.

Иран сè уште не ги објаснил трагите од ураниум пронајдени на двете локации, соопшти МААЕ.

Иран веќе е под санкции на Советот за безбедност на ОН затоа што одби да ја запре работата на збогатување ураниум што може да го користи за производство на нуклеарна енергија и атомско оружје.

Иранските власти ја негираат намерата за производство на атомско оружје и тврдат дека нуклеарната програма е наменета за производство на електрична енергија.

На почеток