„Да бидеме малку скандинавци, со културна дипломатија“ – Сиљановска со порака до Мицотакис по најавите за блокади


Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не сакаше да ја коментира изјавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, но му порача: „Малку да бидеме скандинавци“.
Според неа, Грција има механизми со кои може да постапкува, а кои ги овозможува Преспанскиот договор кога во прашање е употребата на уставното име. Но посочи дека тоа не е во духот на разбирање на пријателските односи. „Јас не коментирам пораки на Мицотакис. Преспанскиот договор има механизми, од укажување до обраќање до Генералниот секретар на ОН. И се разбира ова што велите вие, покренување на постапка до Меѓународниот суд на правдата каде имаше пресуда која Грција не ја почитуваше. Тоа е механизам кој постои, кој е загарантиран во процесот на одлучување за секоја членка на ЕУ. Јас не можам да го спречам во тоа, Преспанскиот договор е дел од преговарачката рамка, но не мислам дека тоа е во духот во разбирање на пријателските односи“, кажа Сиљановска-Давкова.
Според неа, проблемите треба да се решаваат со културна дипломатија. „Малку да бидеме скандинавци“, додаде Сиљановска-Давкова. Мицкоски јасно да каже дека името на неговата земја е Северна Македонија, за внатрешна и надворешна употреба. Ова го очекува премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, кој уште еднаш испрати порака до новата македонска влада. Вели дека прашањето ќе го покрене и на претстојниот НАТО Самит во Вашингтон, но сепак се надева дека во Скопје ќе преовлада логиката.
