Кина незадоволна откако Европската унија воведе царини за увоз на кинески електрични возила


Кина го изрази своето незадоволство откако Европската унија воведе царини за увоз на кинески електрични возила.
Кина изразува силно незадоволство и се спротивставува на планот на ЕУ за воведување привремени царини за увоз на кинески електрични возила (ЕВ), соопшти кинеското Министерство за трговија, истакнувајќи дека потегот на ЕУ ги игнорирал фактите и правилата на Светската трговска организација (СТО), политизирајќи ја економската и трговските прашања.
„Кина апелира до ЕУ веднаш да ги коригира своите лоши потези, да го спроведе важниот консензус постигнат на неодамнешната трилатерална средба Кина-Франција-ЕУ и да ги реши економските и трговските несогласувања преку дијалог“, рече портпаролот на Министерството за трговија.
Тој рече дека Кина ќе ги преземе сите неопходни мерки за одбрана на легитимните права и интереси на кинеските претпријатија.
Портпаролот на кинеското министерство истакна дека ЕУ ги игнорирала постојаните остри приговори на Кина, како и апелите на владите и индустријата во земјите-членки на Унијата, пренесе Ксинхуа.
Портпаролот изјави дека Кина е длабоко загрижена поради ваквиот развој на настаните.
„Наодите на европската страна немаат ниту фактичка ниту правна основа. Европската комисија го игнорираше фактот дека предностите на кинеската индустрија за електрични возила произлегуваат од отвореноста и конкурентноста. Европската комисија, исто така, ги игнорираше правилата на СТО и не ја призна целосната соработка на релевантни кинески компании во текот на истрагата“, истакнува портпаролот.
Според неговите зборови, ЕК, произволно креирајќи и преувеличувајќи ги кинеските распределби за субвенции, како и злоупотребувајќи ги „достапните факти“, пресуди дека Кина нуди субвенции на претерано високи нивоа.
„Таквата акција е бесрамен протекционизам што ќе создаде и ќе ги ескалира трговските несогласувања“, рече портпаролот, истакнувајќи дека потегот не само што ги поткопува легитимните права и интереси на кинеската индустрија за електрични возила, туку и ја нарушува глобалната автомобилска индустрија и синџири на снабдување, вклучувајќи ги и оние во ЕУ.
Портпаролот посочи дека на овој начин се прекршуваат договорите што ги постигнаа лидерите на Кина и земјите од ЕУ за зајакнување на соработката.
„Тоа има лош ефект врз интересите на потрошувачите во ЕУ и на крајот ќе го поткопа целокупниот напредок на зелената транзиција на ЕУ и глобалната соработка во борбата против климатските промени“, рече портпаролот.
Европската комисија во средата ги извести кинеските производители на ЕВ за воведувањето дополнителни царини за нивните производи кои ќе стапат на сила на почетокот на следниот месец.
Останатите кинески производители на автомобили ќе плаќаат давачки од 21 отсто, додека компаниите кои не соработувале во истрагата на ЕУ за субвенции очекуваат царина од 38,1 отсто.
Досега царините за увоз на кинески електрични автомобили изнесуваа 10 отсто.
Кина би можела да возврати со мерките на ЕУ во земјоделството, авијацијата и автомобилската индустрија, а Пекинг веќе започна истрага за некои видови европски алкохолни пијалоци.
