Македонија

Претседателката Сиљановска Давкова го прими словачкиот амбасадор, Хенрик Маркуш

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш.

На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи и можностите за унапредување на соработката во различни области од заемен интерес.

Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека билатералните односи се карактеризираат со пријателство и разбирање оценувајќи дека меѓу двете земји постојат силни културни врски поради наследството на светите браќа Кирил и Методиј.

Нагласувајќи дека годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со Словачка, претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за принципиелната поддршка од Словачка и од Вишеградската група како традиционален поддржувач на македонските евроинтеграции и посветен партнер во НАТО.

Во насока на продлабочување на соработката во области од заемен интерес, Претседателката истакна дека е видлив растот на трговската размена за којашто постои можност во наредниот период да постигне поголеми резултати со заеднички ангажман од двете страни. Таа нагласи дека од особен интерес е и интензивирањето на билатералниот политички дијалог.

На почеток