Македонија

Џафери – Рикер: Надминувањето на спорот со името е само огромен чекор за целиот регион

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со Амбасадорот Филип Рикер, цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД.

Претседателот Џафери, упатувајќи му честитки за неговото именување на функцијата државен секретар на САД за Европски и Евроазиски прашања и посакувајќи му успешна и плодна работа, ги констатираше одличните билатерални односи меѓу двете држави, заокружени со Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка во 2008 година. Тој се заблагодари на поддршката на САД на нашите напори од независноста до денес преку разни проекти на УСАИД, но и за поддршката која ја добиваме од НДИ и ИРИ во градењето на демократско и инклузивно општество.

Претседателот Џафери го информираше соговорникот за актуелните активности во Собранието поврзани со пакетот реформски закони со кои очекуваме одредување на датум за почеток на преговори од страна на Советот на ЕУ во јуни оваа година, како и за ратификациите на спогодбите со Република Бугарија и Република Грција со кои се надминаа отворените прашања со соседите и се отвори патот за членство на Република Македонија во НАТО. Притоа, тој изрази очекување дека земјата ќе стане 30-та членка на Алијансата до крајот на оваа или почетокот на следната година, а брзината на процесот на ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО е уште една потврда за изминатите заложби на актуелното мнозинство во земјата.

Амбасадорот Рикер нагласи дека има многу причини за славење на позитивниот развој на настаните во Република Северна Македонија, бидејќи според него, надминувањето на спорот со името не е само огромен чекор за земјата, туку и за целиот регион. Тој го поздрави процесот на ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, посочувајќи дека Сенатот на САД прави заложби за негова побрза ратификација од вообичаената процедура и изрази надеж дека земјата до крајот на годината ќе го добие своето заслужено место во Алијансата. Во однос на евроинтеграцискиот процес, Амбасадорот Рикер истакна дека донесувањето на пакетот реформски закони не се само придонес кон ЕУ процесот, туку се од клучна важност за развојот на земјата во иднина и дека во тој процес, опозицијата мора да се вклучи соодветно и да работи за општото добро. На крајот, тој констатираше дека и покрај сите предизвици и разлики кои постојат, Алијансата останува на остварување на своите стратешки цели поставени од нејзиното основање до денес.

На почеток