Отпад на сите страни, за време на викендот отстранети 150 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатиов викенд, ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно се соочи со тенденциозно загрозување на животната средина и јавното здравје, преку масовно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини и создавање диви депонии.
Со цел – одржување на максималното ниво на хигиената и чистотата во градот Скопје, екипите на Претпријатието за време на викендот реализираа вонредни активности за подигнување и транспорт на вкупно 150 кубни метри непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад.
Интервенирано е на улиците Лихнида, Лука Геров и Македонска војска во општината Ѓорче Петров, како и на булеварот Босна и Херцеговина во општината Бутел. Во координација со ЈП Паркови и зеленило отстранети се и неколку диви депонии на улиците Благоја Паровски, Џон Кенеди, Панче Неделковски и Цветан Димов, како и на булеварот Македонско косовска бригада во скопската општина Чаир.
Од почетокот на месецот јули, Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје изготви пет записници за граѓани коишто се затекнати при непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини на улиците Лазар Поп Трајков и 16-та Македонска бригада во општината Гази Баба, улиците Јуриј Гагарин и Веселин Маслеша во општината Карпош, како и на улицата Аминта Трети во скопската општина Центар.